90. МИНУТА

Истече рокот на ултиматумот кој ни го даде Бугарија да станеме Бугари. Како сакаат да ги сакаме кога на две генерации Македонци им ја уништуваат иднината?

90. МИНУТА

1 Многу се израдував дека фудбалската репрезентација ја победи Грузија и постигна историски успех со квалификацијата на Европското првенство. Баш ни требаше една ваква експлозија на емоции во мрачнава и ковидосана 2020 година. И тоа баш пред петок 13-ти, ден пред да истече ултиматумот што ни го даде бугарскиот вицепремиер Каракачанов да станеме Бугари. Успехот со квалификацијата ни дојде како гол во 90 минута.

Во вакви околности, разбирлива е и еуфоријата на премиерот Зоран Заев кој во 4.30 сабајле отиде до Блаце да ги чека фудбалерите. И на Артан Груби таман таму му беше местото. Не оти без него тапан не чука, туку и затоа што е квалификуван за вакви настани како поранешен водач на навивачката група Шверцери.

Е сега, малку ми е нејасно како течела владината дискусија за висината на наградата за фудбалерите? Дали на истата седница Венко Филипче плачел дека уште не му стигнале парите од кредитот за монтажните ковид болници?

Туку, дај уште веднаш да почнеме да штедиме. Кога Владата посегнува по резерви од буџетот за да ги награди фудбалерите со по 10.000 евра, колку ли пари ќе ни требаат ако освојат некој медал? Ќе треба со нова еврообрзница да се задолжуваме. Оти, резервите се потрошија за квалификации.

Влада е сериозна институција. Претпоставувам дека политиката не ја засноваат само на фејсбук статуси. Дека одлуките што ги носат немаат за цел само да собираат лајкови. И дека кога ја носеле одлуката да ги чепнат резервите од буџетот за награда ги имале предвид сите околности околу здравствената криза и финансиската криза, па ги дефинирале приоритетите.

Да се разбереме, фудбалерите ја заслужуваат наградата. Идната година уште повеќе да се радуваме и уште повеќе да ги наградиме. Пари треба да има и за амбулантни возила и за тестови, и за лаптопи, ама и за радост, и за новогодишно украсување, за награда за двоен Оскар, за Евровизија, за Дедо Мразовци, за диносауруси, за награди за ракометари, кошаркари и фудбалери, исто како и за зголемени плати на лекари и сестри.

Мала маана е што – пари нема.

2 СДСМ реши да турка закон според кој пензионирањето ќе биде задолжително на 64 години. Немаат храброст, а очигледно не ни сакаат да ја намалат јавната администрација, па им рекоа на пратениците набрзина да смислат закон со кој ќе ги загрозат и  вработените во приватните фирми. Креираат политика со истата фејсбук стратегија како со фудбалерите, амбулантните возила и Евровизија, нешто отприлика како „да ослободиме места за младите“. Синким, на газдата баш му е гајле дали си стар или млад, па ќе те држи на работа ако не му требаш. Ако му требаш ќе те држи и до 100 години ако можеш.

Настрана што низ Европа се оди на зголемување на старосната граница за пензионирање за да се намали притисокот на пензиските системи. СДСМ тука со импровизации си турка од себе една категорија неопределени гласачи од средната класа, која не е занемарлива по број, исто како кога на кратко го воведоа прогресивниот данок. Не можеш туку-така да си играш со човечки судбини. Не можеш на некого што си го проектирал работниот век до 67 години и така си го планирал и својот и животот на семејството одеднаш да му скусиш три години.

Од пратеничката група на СДСМ велат дека тоа им било изборно ветување. Па тие ветија и правда дека ќе донесат, па не донесоа. И со „Скопје 2014“ ветија дека ќе расчистат уште при првиот мандат, па ене сѐ си стои нечепнато во целосен груевистички сјај. Дури и Груевски ветија дека ќе го стават во затвор, а тој пушта честитки на фудбалерите на Фејсбук. Ај што си пишува на фејсбук, нека си пишува, туку кај што е криминалец, ем осуден и ем веќе две години избеган со наши пари, уште е вест за насловна во неговите медиуми. Ние само мислиме дека е во Будимпешта. Тука е.

3 Помина рокот кој ни го даде Каракачанов да станеме Бугари. Најверојатно нема да почнеме преговори за влез во Европската унија. Бугарската власт успеа само за еден месец да нѐ врати во 1941 година. Кога национално нѐ освестувале. Кој со ќотек по затвори, кој со стрелање.

Екатерина Захариева ќе продолжи да се чуди зошто во Македонија имало 15.000 изрази на омраза. А не се прашува зошто е така. Може очекува срциња да ставаме на сите нивни навредувачки изјави и да се радуваме дека ни даваат ултиматуми да решиме дали постоиме или не постоиме. При потпишан договор за пријателство тие ти ставаат вето за влез во ЕУ. Колку и да сакаме да бидеме љубезни, тоа е непријателски гест. Конечно, како сакаат да ги сакаме ако веќе на две генерации Македонци им ја уништуваат европската иднина.

4 Убаво го смислила Германија Берлинскиот процес, како начин за приближување на Балканот кон ЕУ. И таман се погоди оваа година Бугарија и Македонија да бидат копретседавачи на Берлинскиот процес. И интересно беше кога на видеоврска Ангела Меркел им кажуваше на Борисов и на Заев дека е многу позитивно тоа што земјите од Западен Балкан постигнале договор за намалена емисија на јаглерод диоксид.

Абе, супер е Берлинскиов процес. Темиве, таман се погодија. Бугарија ти вика – не постоиш, јазикот не ти постои, војска ќе ви праќаме да ве бугаризираме, а нам до климатски промени ни дошло. Само уште емисијата на јаглерод диоксид да ја решиме и готово, процвета Балканот во ЕУ.

Можеби и бугарската државна стратегија е да нѐ реши преку климатските промени. Ако не нѐ признаваат, значи дека не постоиме. Ако не постоиме, не дишеме. И – ете помалку јаглеродни емисии. Сме ги стигнале милениумските цели. Конечно и Македонија во нешто ќе биде пред ЕУ.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира