ДОЈРАНСКИ ДОГОВОР

Њет! И доста со сила ме терате да влезам во НАТО!

ДОЈРАНСКИ ДОГОВОР

1 Не им се бендисувало името Северна Македонија. И мене. Ич не ми прави ќеф. И не е фер. И ич не е праведно. Ама, сега веќе не збориме за името. За тоа зборевме 25 години. Сега правиме муабет дали ти се бендисува тоа што ти го носи промената на името. Оти, ние нема да го смениме името затоа што сакаме да го смениме. Туку затоа што тоа е услов за членство во ЕУ и НАТО.

Ако воопшто сакаме да одиме во ЕУ и НАТО. Ако не сакаме – нема да го менуваме името. Поедноставно кажано – здравје. Тоа е изборот.

2 А дека не правиме муабет за името покажува најголемата опозициска партија. На Христијан Мицкоски не му се допаѓало референдумското прашање за кое Заев рече дека се размислува да биде „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција?“. Било повеќесмислено. Па ако Мицкоски сакаше да учествува во формулирањето на прашањето, тогаш зошто избега од првата лидерска средба во широк состав? Можеби затоа што не го интересира ни референдумот, ни името, ни влезот во ЕУ и НАТО.  Туку  го интересира единствената точка што е на неговата агенда. А таа е – да ги спаси Груевски и неговата криминална дружина од затвор.

Затоа се сите овие блокади на државата. Од ноќта веднаш по изборите на 11 декември 2016, преку повикот на Груевски на интервју на „Сител“ да не се седи дома во папучи, па преку организираниот напад на Собранието на 27 април лани, сѐ до сега.

Мицкоски, од една страна, мора да ги убедува стратешките партнери, пријатели сестринските десничарски европски партии дека е за ЕУ и НАТО, оти и партиската определба на ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш била евроатлантска интеграција. Од друга страна, мора да работи против ЕУ и НАТО за да ги спаси тие што го поставија за лидер.

Па сега, сите се мачиме како да се кандиса ВМРО-ДПМНЕ да го фатиме последниот воз за ЕУ и НАТО. Да не се налутат, да не се навредат. Да смислиме како да амнестираме некој што крадел, прислушувал и на крај, за да не оди в затвор за криминалите што ги правел 11 години, смислил напад на Собранието и организирал луѓе да одат во негово име да убиваат пратеници.

Па добро бе мајката. Нема сите вмровци да одат во затвор. Ќе одат само тие што се кабает. Тие што прво ним им ја заробија партијата, после на сите нас ни ја заробија државата и на крај нѐ ограбија. И уште нѐ држат во заложништво со ограбените наши пари.

3 Да ги оставиме на страна вмровците замаени од однесувањето на нивното раководство. Туку што правиме со многумина кои со инает гледаат на референдумот? А  Македонецот е познат по тоа дека од инает си страда. Не само затоа што луѓето имаат проблем со менување на името. И не затоа што не сакаат да влеземе во ЕУ и НАТО. Туку затоа што референдумот го сфаќаат како оценка на досегашното владеење на СДСМ и ДУИ.

И ако веќе може да се најде некакво оправдување за спорите промени во големите теми, каде што најмногу се гледа колку 11-годишното владеење на Никола Груевски ја разорило државата, најмногу нервира тоа што СДСМ не најде сила да се откаже од практиките и од привилегиите што ги воспостави токму ВМРО-ДПМНЕ.

Ај некако да разбереме зошто растот на економијата е само 0,1 процент. Разорено е стопанството, тешки беа условите. Ај да најдеме оправдување и зошто има нула во затвор за криминалите, оти и цел правосуден систем е разорен и тешко оди неговата обнова. Па и да не се жалиме за работата на градоначалниците, кој поарен, кој полош, ама ај да почекаме оти уште се нови.

Ама, како да оправдаш дека на темата „гигантски патни трошоци на пратениците“ се замајуваме цела година во сто читања на предлог законот во Собранието, и по цела година уште имаме замена наместо промена. Ја немаме Силвана Бонева од ВМРО, ама ја добивме Мира Дизел од СДСМ. Не се исти. 20.000 евра за патни трошоци не е исто со 19.500 евра.

Е на тие детали се губи и референдум. На тие детали луѓето паѓаат на приказната дека „сите се исти“. И на такви детали губиш од вид дека во времето на Груевски беа уништени бизниси, кариери, семејства… Затоа што на такви детали сфаќаш дека само ти како граѓанин мора да ја правиш жртвата. И на крај од инает, за да го казниш СДСМ ќе се откажеш од ЕУ и НАТО. Иако знаеш дека во равенката за стабилизирање на Македонија – еднаш и засекогаш, ЕУ и НАТО се резултатот што отвара просперитетна иднина.

4 И да се вратиме на главната тема.  Ај па да не одиме на референдум! И наместо да се занимаваме со договорот со Грција и влезот во ЕУ и НАТО да се занимаваме со барањата на Мицкоски.

Што ќе се случи? Ќе се отворат нови преговори со Грција. Обединетите нации пак ќе го ангажираат Метју Нимиц да посредува. Мицкоски како премиер на Македонија ќе преговара со Мицотакис како премиер на Грција.  И во обновените преговори ќе дојде до решение со некое подостоинствено име од Северна. Ќе се врати на предлозите што ги слушнавме во прислушуваните разговори – она горна, долна, заграда, пред Република, по Република… И тоа име нема да биде ерга омнес. Опцијата „а војна да направиме?“, што исто така ја слушнавме во прислушуваните разговори, секогаш ќе биде отворена.

Некој иден британски премиер повторно на пропатување од Софија за Лондон ќе слета на два часа во Скопје, зашто Македонија пак ќе му биде битна на Обединетото кралство. И потпретседателот на САД ќе им се јавува на Мицотакис и на Мицкоски да им нуди поддршка за спроведување на новиот договор за името. И Америка три пати во една недела ќе ја споменува Македонија во официјални соопштенија во контекст на глобалната безбедносна стратегија. И некој германски канцелар или канцеларка особено ќе се ангажираат за Македонија, оти ќе немаат друга попаметна работа.

Најважно од сѐ е дека Груевски нема да оди в затвор. И парите што ги испокрадоа неговите ќе си ги задржат и ќе можат да ги оплодуваат. Тие што го нападнаа Собранието ќе добијат восочни фигури во Музејот на ВМРО како маченици. Само Заев ќе мора да ги врати парите што ги потроши од прославата за поканата за НАТО. Никола Димитров ќе се врати во Холандија. Катица Јанева ќе се врати во Гевгелија. Фатиме Фетаи нема да стане прва претседателка, како што планира. Јанко Бачев ќе стане вицепремиер за евроинтеграции. Димитар Апасиев национален координатор за НАТО. А Ѓорге Иванов ќе добие доживотен мандат. Да не биде дека само Ердоган, Путин и Кинезот тоа го можеле.

Следниот договор меѓу Македонија и Грција наместо во Преспа би можел да биде потпишан во Дојран. Па како што Ципрас во спотот му се јавува на Заев и му вика „Зоран ду ју ноу Преспа“, Мицотакис ќе му се јавува на Мицкоски и ќе му вика „Мицко, ду ју ноу Дојран?“ А Мицкоски ќе одговори „Њет! И доста со сила ме терате да влезам во НАТО!“

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари