НИЧИИ ДЕЦА

Кого да го викнеме да го менува системот за кој премиерот сфатил дека не чини? Новата американска амбасадорка ли?

НИЧИИ ДЕЦА

1 „Познати ти се овие имиња? Ги знаеш ли овие што поминале на тестот за контролори на летање? Па овие се ничии.“

Ова е уште една показна вежба како изгледа животот во Македонија на оние што се ничии. Осум деца биле најдобри на тестирањето на Еуроконтрол што го правела независна лиценцирана фирма од Данска, покажале колку ги бива без помош на баленсери и бадентери, ама директорите на Македонска навигација (МНАВ) не сакале да ги пуштат на школување во Данска затоа што на тестовите не поминале нивните деца и децата на партиските функционери.

Не дека бевме изненадени, оти така е во сите државни и општински институции и фирми. Само што, овојпат станува збор за Контрола на летање, што ова поразително сознание го прави уште побрутално. Едноставно, сите ние што не сакаме да бидеме нечии, што создаваме, се обидуваме да направиме пристоен приход за себе и семејствата, редовно плаќаме даноци, придонеси за пензиско, за здравствено осигурување, плаќаме паркинг, плаќаме  сообраќајни казни, ама не сакаме да бидеме во партија, сме отпадници. Ничии. И кога ќе ни притреба државата што ја плаќаме, таа не е тука за нас, туку понекогаш и нè малтретира и нè игнорира за да им удоволи на своите деца. А овие 8 деца што ги бидува за контролори на летање уште и ги репресирала оти биле најдобри.

Партиите ни ја киднапираа државата. Толку се осилени, што не се ни свесни дека работат против јавниот интерес. Видовме, спремни се дури и да ја загрозат и безбедноста на авиосообраќајот само за ги вдомат своите. Толку се осилени и со изгубен контакт со сите што се надвор од нивниот партиски круг, што директорите на МНАВ дури побарале и отчет од данската школа за контролори на летање, да им одговори како се осмелила да ги прими осумте најдобри деца кога тие не биле на ничиј список. Побарале отчет зошто не се примени нивните деца. Што ли им кажале на Данците? Не, не, вие не разбирате, на нашите деца им е супер тестот. Не, не, не разбирате, знаете ли чии деца се овие? Не, не, вие не разбирате кој стои зад овој список. Еј, барале отчет од Данците исто како што тие се научени да даваат отчет на шефовите во партиите.

Министерот за транспорт Благој Бочварски немал став дали е загрозена безбедноста на авиосообраќајот. Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска на Фејсбук напиша дека треба да се почитуваат законите. Замисли! А Владата вели дека МНАВ била независна државна компанија. Кога треба да си ги примаат своите деца тогаш се назависни. А кога за нив се пазарат партиите кого да постави Владата, тогаш се зависни.

Море, што туку мудруваат, што туку ни продаваат процедури. Наместо премиерот да ги смени сите тројца членови на Управниот одбор за три дена, ние допрва ќе го мериме индексот на перцепција за корупцијата. Во Данска.

Еден од поискусните контролори коментираше: „Ова не е Дурмо турс, или пожарот во Тетовската болница па да ги заматкаат случаите по судови“.

Со членството во Еуроконтрол земјава фактички ги практикува строгите европски стандарди за безбедност на сообраќајот. Ние не сме во ЕУ на земјата, ама практично ја имаме ЕУ на небото. Ама, ај сега и ова што го имаме како стандард на небото да го изгубиме. Полна им е устата со ЕУ, ама ЕУ стандардите да не важат за нивните деца. Како запнале, ако утре нè исфрлат од Еуроконтрол, за тоа ќе ги обвинат ничииве деца затоа што биле способни.

2 Новоизбраниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази вели дека владејачката ДУИ не стои зад него иако е соселанец на Али Ахмети, а веднаш по изборот се појавија негови приватни фотографии со партиски функционери.

Нејсе. Македонија е мала, Зајас е уште помал и секој со секого се знае. Можеби затоа и претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски по изборот на Ислам Абази изјави: „Да му дадеме простор, да видиме како ќе се покаже“. Синким обвинителот е млад фудбалер во трета македонска лига, па да го видиме како ќе се покаже во првото полувреме. А Абази треба да биде прв во првата лига.

Тоа што го бирале неговите колеги јавни обвинители и добил најголем број гласови мора да е силна гаранција дека тој е вистинскиот човек за борба против организираниот криминал. Синким и ние сме од Данска, па не знаеме како се избрани и обвинителите што го избраа овој обвинител. Па тоа се истите обвинители поради кои довербата на граѓаните во судството е 8 проценти. Тие се истите обвинители поради чија некадарност мораше да се прави Специјално обвинителство. Па после и тоа обвинителство славно пропадна. И на Катица Јанева ѝ дававме простор да се покаже.

Поминаа само шест години откако слушавме во бомбите како претседателката на Судскиот совет и секретарката на премиерот правеа списоци за судии. Што се смени за овие шест години? Тие што требаше да гонат висока корупција завршија во затвор. А тие што беа гонети си бираа во кој затвор сакаат да служат.

Министерот за правда Никола Тупанчевски за затворскиот туризам велеше дека „утврдиле недостатоци во системот“. Сега, по изборот на Абази, Тупанчевски вели дека „утврдиле слабост во моделот на избор на обвинител“.

Па добро бре, може ли некои слабости да се утврдат предвреме? Може ли некои слабости да се предвидат? Уморни сме веќе од давање шанси.

3 И премиерот Димитар Ковачевски утврдил недостатоци во системот. При посетата на болницата „8 Септември“ рече дека од лично искуство знае оти имаме врвни доктори и врвна опрема, ама не ни чини системот.

Оди премиерот во болница и ни го кажува тоа што го знаеме. Небаре системот е некој аждер паднат од Марс што ни ги краде парите од Фондот за здравство што сите го полниме. Небаре самиот премиер, министерот за здравство, и директорите што се сликаат со нив во државните болници не го прават системот.

Луѓе болни од рак веќе три месеци немаат терапија. Лекарствата што ги примаат болните од ретки болести доцнат со месеци и не се знае дали воопшто ќе дојдат. Што утеха имаат тие луѓе и нивните блиски ако премиерот сфатил дека не чини системот?

Пред десетина дена, кај градилиштето на пругата за Бугарија Ковачевски рече дека „системот ни е таков и тоа на многу места. Или во текот на овие изминати 30 години не сме имале знаење или немало доволно посветеност, или имало премногу корупција или сите три работи заедно“.

Така е. Системот ни е таков, и тоа на сите места. Затоа што, суштината на системот е прво лидерски средби за поделби на министерски места, па потоа поставување директори по партиска линија,  па вработување на „нашите деца“, па јавни набавки од „нашите луѓе“…

Кого да го викнеме да го менува системот? Новата американска амбасадорка ли?

А Ковачевски нека продолжи да си купува тостови со мортадели по партиските митинзи. Така ја открива реалноста на системот. Демек покажува разбирање и за „ничиите деца“.

4 Законот со кој на фондации и здруженија на граѓани им се забранува да ставаат имиња на фашисти и на нивни соработници беше изгласан едногласно во Собранието. Не паметам кога ВМРО-ДПМНЕ нешто предложила, а СДСМ прифатила и заедно изгласале.

Арно ама, Бујар Османи и Никола Тупанчевски најавија дека ќе го даваат законот за здруженија на граѓани на проверка во Венецијанската комисија.

Па против сопственото Собрание одите, бре. Против пратениците што ве гласаат да бидете министри.

Добро, ќе престане ли еднаш овој сервилен однос на Владата кон Бугарија?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира