НОБЕЛ ЗА ГЛУПОСТ

Тие што речиси две години маршираа по улиците, бараа добро владеење, а не добро вдомување на партиските кадри

НОБЕЛ ЗА ГЛУПОСТ

1 Како почна премиерот Зоран Заев да се заканува со чистка, така функционерите од СДСМ се фатија за метла. Почнаа масовно да ги чистат улиците. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов дури со раце ќошињата на тротоарите ги гребеше.

А бре луѓе, не е до метлата. Уште помалку е до тоа дека баш вие ќе се фатите за метла, па ќе ја завршите работата помеѓу два изборни круга. Па, ние не бараме вие да чистите по улици и да садите дрвја. Ниту пак ве плаќаме за вие да чистите. Ве плаќаме да организирате чистење. Ве плаќаме да ги организирате тие што се платени да го чистат ѓубрето. Ве плаќаме да ги казните тие што фрлаат ѓубре кај што ќе стигнат и од државата направија една голема депонија. Ве плаќаме да си ја вршите својата работа.

Каде беа до вчера тие работници што ги гледаме сега како со вас чистат пред камери и во друштво на странски амбасадори кои неуспешно со години се обидуваат да нѐ засрамат? До вчера градоначалниците на Скопје и на Општина Карпош Петре Шилегов и Стефан Богоев се жалеа дека не можеле да исчистат дива депонија покрај Вардар, што им се запали среде град оти била стара 50 години и немале доволно механизација да ја отстранат. Како преку ноќ најдоа и булдожери и луѓе и садници, па од депонијата направија парк?

Можело, а? Е па, можело кога ќе заболи.

2 Многу ме интересира како ли изгледала анализата во штабот на СДСМ по катастрофалниот резултат во првиот круг од претседателските избори. Сигурно биле вџашени што ли им се случува на луѓето што решиле да не излезат на овие избори, а до пред само година и пол им ги дадоа гласовите на локалните избори. И сто посто си се тешеле: „Не бе, не, овој народ само Груевски и Мијалков си ги заслужува!“.

Тоа толку личи на она СДСМ што го паметиме од Бранковото време. На онаа ароганција никогаш да не прифатат кабает. Стално некој друг да им биде крив затоа што тие не напишале домашно.

Ај да видиме дали Заев ќе го држи ентузијазмот за чистка и по завршувањето на изборите. Па со истата еуфорија со која го туркаше решавањето на спорот со Грција, сега да се фати со тргање на неспособните и корумпираните од државната администрација, што дома му го потрошија половина кредит од тоа што тој го заработи надвор. Сите тие имаат име и презиме и функција. И штом го испрати папата, одма да ги разреши. Особено ако успее, ем да ги предомисли да излезат во вториот круг тие што му се налутија, ем да го изберат Стево Пендаровски за претседател на државата.

Оти на овие избори, во првиот круг казната за СДСМ стаса само со тоа што не излегоа да гласаат разочараните од нив. Нека бидат среќни што тие гласови не отидоа на страната на ВМРО-ДПМНЕ. А парламентарните избори брзо ќе дојдат. Ене кај е 2020.

3 Резултатите по првиот круг претседателски избори прво покажаа дека не се баш милион и двеста илјади луѓе тие што се против промена на името како услов за да се влезе во ЕУ и НАТО. И тука да завршиме со таа будалаштина на која уште се влече Христијан Мицкоски.

Второ, резултатите покажаа и дека луѓето не сакаат да гласаат за бандитите на Никола Груевски, иако и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и кандидатката за претседателка на државата Гордана Силјановска-Давкова упорно нѐ убедуваат да ги заборавиме злосторствата на нивната партија додека беше на власт и бараат правда за злосторниците.

И трето, резултатите покажаа дека луѓето не гласаа и за избраниците на Зоран Заев за кои се уплашија дека ќе станат бандити, оти многу брзо почнаа да покажуваат бандитски навики. И како што за јунаците од бомбите чувме дека биле ем зулумџии ем крадци, оти дури и изборите ги крадеа, така и за јунаците на „Дојде живот“ се создаде перцепција дека се неспособни и корумпирани. При што, можеби неспособноста луѓето би ја простиле. Ама корупцијата не ја простуваат.

И пораката е јасна, појасна – здравје: Еве, ќе влеземе во НАТО, ама нема да ви дозволиме да крадете како претходните. И нема да ви дозволиме да си ја полните администрацијата што ја храниме со партиски другарчиња, баби, тетки, дечковци, девојки, золви и јатрви…

Болката за името веќе успешно се лекува уште овој Велигден споен со Први Мај, на терапија на  плажите на Халкидики и на софрите со узо. Ама, што правиме со семејните вработувања во државна служба на генералниот секретар на партијата Кирацовски, со алчноста на Мира Дизел? И со уште многу други кои допрва ќе ги дознаваме? Што правиме со башибозукот на ДУИ од Матка па сѐ до Струга, со пајакот што удира полицајки во Чаир, со вицепремиерот Хазби Лика што не оди на работа? Што правиме со амнестираните, што правиме со помирените? Што правиме со зголемениот данок за трудољубивите и учените и со тендерите за криминалците?

Дури и да не се решеше спорот со името ние ќе баравме ѓубрето да ни биде исчистено. И тротоарите да ни бидат слободни. Ама и криминалците да бидат казнети. И функционерите од ДУИ да не бидат над законот. Па ете, дури и бројчаникот над Триумфалната капија што со свои лични пари го закачи баш Заев да почне еднаш да врти.

Тоа не зависи од Грција. Ни од НАТО. Ни од ЕУ. И фер е тоа да се признае.

4 Фино е тоа што Заев бара од граѓаните да ја прифатат одговорноста и да гласаат во вториот круг. И апсолутно, граѓаните не треба да се ослободуваат од одговорност. Не дека СДСМ и ДУИ не се за казнување. Ама, казнувајќи го СДСМ што правиме со ВМРО? И тоа ова груевистичкото, нереформирано, злосторничко и сѐ уште неказнето ВМРО?

Ама, ај овој пат да зборуваме за одговорноста на СДСМ и на ДУИ. Кој го воскреснува ВМРО-ДПМНЕ? Дали граѓаните што не излегоа да гласаат во првиот круг? Или власта со сѐ она што го направи, или не го направи во последните година и пол по локалните избори?

Кога ќе дојдеш на власт со помош на граѓански активизам, тогаш треба да имаш одговорност и за граѓаните.  А не само за партиските поддржувачи. И треба да имаш одговорност за сопственото владеење.

Тие што речиси две години маршираа по улиците, тие понижените од режимот на Груевски, на кои полицијата на Чавков дури и децата им ги тепаше по библиотеките, тие бараа добро владеење, а не добро вдомување на партиските кадри. А што добија? Само добро оправдување за неспособноста да се заврши работата.

Со помош на тие граѓани Заев урна режим со пенкало. Со помош на тие граѓани Заев успеа да направи историски чекори и да го отвори патот кон НАТО и ЕУ. За тие меѓународни успеси дури и за Нобелова награда за мир го номинираа.

И ако Заев дозволи славата од номинацијата за Нобел да му ја заматат разни баби, тетки, браќа и братучеди и сметки за патарини и ручеци, тогаш тој навистина заслужува награда. Ама не за мир, туку за глупост. Оти, наивен сигурно не е.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира