1 Додека ова го пишувам, на два дена до вториот круг на претседателските избори, ми иде да фатам џенем, оти веќе ми збоктиса по сто пати да се убедувам со оние кои од морална височина ми попуваат со теории за демократија, со резигнираност „сите се исти“, „немам за кого да гласам“, „не ти гласам“, „ни за едните ни за другите“, „не ме интересира политика“, „кој и да биде ништо нема да биде подобро“, „не видовме суштинска дебата“… Од која ли комотна позиција можат да глумат нормалност во ненормалнава ни држава? Ќе чекале тие трета опција да се појави. А ние, политички неписмените, не знаеме дека фино би било да има трета опција. Па, фино би било, ама каде е? Ај, најдете ја. Направете ја штом толку можете да го процените политичкиот момент и се разбирате во демократија. Наметнете се со својата памет и влијание. Ама и со одговорност пред сѐ.
Ама, како ќе си преземете политичка одговорност кога вие и граѓанска одговорност не преземате? Основата одговорност – да излезеш и да гласаш на избори.
Многу сте јаки на Фејсбук. Ама, замислете да не успеат изборите. Па да мораме да организираме нови. Или да се покрене постапка за уште една промена на Уставот да бираме претседател во Собранието. За да се избегне недостигнат ценсуз.
Дека ние тука сме Норвешка на квадрат, па за да внесеме малку возбуда во нашите досадни животи ќе си организираме нови избори. Нови кампањи. Ново пазарење со пратеници. Ново купување гласови во Собранието. Нови Пржински договори. Нови седенки во Клубот на пратеници. Нови уцени од ДУИ. Нови контрауцени од Зијадин Села. Ново глумење на конструктивна опозиција на ВМРО-ДПМНЕ со блокирање на седниците. Нови финти на Талат Џафери. Нови фејсбук постови на Никола Груевски, почесниот бегалец од Будимпешта. Нов пржински обвинител. Нови пржински министри. Нови заменици-министри што ќе ги контролираат пржинските министри. Нови тела за следење на медиумите… Нови странски олеснувачи на „политичкиот дијалог“.
Сѐ ќе запре. Нема тендери, нема јавни набавки, нема исплата на субвенции, нема помош за ранливи и болни. Ќе запре животот. Ама ќе запре и спроведувањето на правдата. Наместо злосторниците да се казнат, со нив ќе се преговара. Оти, политичарите, наместо со нас, ќе си се занимаваат само со себеси. А ние ќе си живееме во нова пржинска агонија.
2 Малку ни е неизвесноста со претседателските избори, па сега и Европската унија внесува нов вознемир. За датум за преговори, наводно, ќе нѐ ставале во пакет со Албанија.
Па нас од сите можни пакети нѐ исфрлаа затоа што имавме само еден проблем – нерешениот спор со Грција. Уште од 1991 година, кога Бадентеровата комисија на тогашната Европска заедница препорача дека само Словенија и Македонија заслужуваат признавање како независни држави. Извисивме. Поради спорот со Грција. Па во 2000 година, прво ние потпишавме Договор за асоцијација и стабилизација. Хрватите беа после нас. Ама извисивме. Поради спорот со Грција. Во 2004 година, не можевме да станеме членка на ЕУ заедно со Словенија оти реално, Словенија беше многу поевропска од нас. Ама, зошто не нѐ ставија во пакетот со Романија и Бугарија во 2007? Поради спорот со Грција. Зошто не нѐ ставија во пакет со Хрватска во 2013? Поради спорот со Грција.
Ние секогаш бевме надвор од пакетот. Не нѐ ставаа во пакет од една единствена причина. Спорот за името со Грција. И сега, кога таа причина веќе не постои, Франција ќе ни измислува пакети. Ама и ќе нѐ пофали за Преспанскиот договор, оти бил добар пример за решавање на билатерални спорови. Алоооо! Име сменивме. Го решивме еден од најдолготрајните спорови во современа Европа. Премиерите што го постигнаа тој договор се номинирани за Нобелова награда за мир. И од Франција – само пофалба.
На Србија ѝ го посочуваат примерот на Македонија за да ја подучат како се решаваат проблеми. А Србија веќе има отворено неколку поглавја во преговорите со ЕУ. Ќе чекала Франција прво да се стабилизирала ЕУ па после ќе се проширувале. Е па, чекајте. Не знам само кога пак ќе дочекате да ви се поклопат некој Ципрас и Заев во историјата за да ви го стабилизираат Балканот. Сосе Бојко Борисов.
Па нели за сигурноста и безбедноста на регионот се работи? Нели безбедноста на Балканот е важна за безбедноста на цела Европа? Нели од руско влијание се браните? Нели од нас баравте разум? Нели ние си ги потиснавме емоциите и со разум, за да одиме напред, ја проголтавме и промената на името? Па бидете и вие разумни. Што сакате со тие ваши глупави пакети? Да нѐ вратите назад? Да ги оживеете национализмите на Балканот? Да ги поттикнете антиевропските чувства? Да ја уништите и последната надеж на тие што останаа да живеат тука дека некогаш ќе видат подобар живот? Нова војна да не сакате? Прво да повикувате на воздржаност и сразмерна употреба на сила од двете страни. Па после мировни преговарачи да ни праќате. За да можат на стари години да пишуваат мемоари за случајот „Македонија“.
Секое инсистирање на нов пакет за оваа Македонија со кревка стабилност, значи распакување за ЕУ. Не ве плаши дека денеска пакет со Албанија значи утре пакет со Русија? Мене ме плаши.
3 Јасно ми е зошто Христијан Мицкоски би се радувал ако не добиеме датум за преговори со ЕУ. Ама, не ми е јасно како може било кој нормален граѓанин да се радува дури и на самото навестување дека во јуни можеби нема да добиеме датум за преговори со ЕУ. За што се радуваат? Дека ќе тапкаме во место? Ќе уназадуваме? Дека ќе имаме нова нестабилност? За сеир ли се радуваат? За инает на Заев? Или, за инает на себе.
4 Почесниот претседател на опозициската партија е во Будимпешта. Избеган е за да не одговара за масовното нелегално прислушување, неколку насилства, кражба на пари, кражба на избори и организирање на напад на Собранието. Избеган е за да не се соочи со правдата. А кандидатката за претседател на државата од партијата чијшто почесен претседател е избеган од правдата, упорно бара правда.
И сите ние глумиме нормалност. Па стварно не сме нормални.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST