СЕРТИФИКАТОР ЗА КООРДИНАТОР

Направи сомнеж и пушти го бесот на најјако. Хистерија по медиумите, отров по социјалните мрежи... Ни телевизиите веќе не успеваат да глумат „балансираност“ за да им го заборавиме времето од „куртон вестите“.

СЕРТИФИКАТОР ЗА КООРДИНАТОР

1 Во моментот кога ќе одлучиш да жртвуваш наука и експертиза за да купуваш души, ќе ти се случи она што сега ѝ се случува на Македонија. Да биде најпозитивен пример во регионот, а богами и во Европа, како што тргнале да растат бројките на регистрирани позитивни случаи на КОВИД-19. Прво се случи изјавата на премиерот Оливер Спасовски, дадена на 15 април пред Велигден, дека нема да затвора верски објекти „во ниту една состојба да се наоѓа државата“, бидејќи „тоа е право кое е неприкосновено“. Па во екот на рамазанските пости и ифтарските вечери, на 10 мај се истакна и вицепремиерот Бујар Османи, дека „верниците не се криминалци, хистеријата и нападите да сопрат“. А министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на 7 мај рече дека полицијата нема да казнува туку само ќе ги опоменува граѓаните, оти „високите казни дополнително би го оштетиле нивниот буџет и би влијаеле негативно врз благосостојбата на нивното семејство“.

Никој не се буни против верниците. Предупредувањата се оти во секуларна држава, за време на пандемија, за верниците не важат истите мерки за заштита на јавното здравје како за сите останати граѓани. А зошто? Заради пусто политичко додворување кон верските институции за гласови на верниците.

Никој не се буни против верниците. Отпорот доаѓа од тоа дека правдата за едни важи, а за други не важи. Ова е земја во која граѓаните ионака имаат мала доверба во институциите. Тука, за да завршиш некоја работа мораш тие институции да ги потплатиш, да фатиш врски, да бараш роднински стебла, да му викаш браво на партискиот лидер… Па затоа, луѓето гледаат како да ги заобиколат институциите.

Додека слушавме што викаат стручните луѓе и учените, епидемиолошката крива беше дури и светски пример за добро справување со коронакризата. Штом тргнавме по паметот на политичари и верски водачи, и епидемиолошката крива ја исправивме. Тоа за Македонија е толку нормално и очекувано. Имаме комбининација на институции со слаб капацитет, политичари со слаб капацитет и граѓани кои не веруваат ни во институции ни во политичари. А во исто време се и со слаб капацитет на граѓанска свест и свест за заедништво.

Затоа и власта почна да бара помош од поповите, оџите, локалните бизнисмени, влијателни граѓани во локалните средини. Секој да си го среди своето маало. Како во филмовите за мафијата. Оти животот ни зависи од локални моќници, силеџии, претседатели на општински комитети и ограноци, корумпирани инспектори, лидери на навивачки групи, „угледни“ градежници, „успешни“ угостители…

Затоа и кривата ни е права. Оти само така сме навикнати да функционираме. Луѓето не се плашат од државата. Се плашат од локалните моќници. Тие се посилни од државата.

2 Со коронавирусов, како-така, некако ќе излеземе на крај. Не може цел свет да се избори со него, а ние да даваме отпор. Туку, што правиме со вирусот на омразата кој повторно зема сила?

Три години оваа власт се трудеше да изгради некаков концепт на граѓанско општество. Да се почитуваат различностите, да се намали дискриминацијата… Нели, како викаше Заев – едно општество за сите.

За само два месеца криза, еве нѐ повторно назад во времето на поделбите што така дисциплинирано ги негуваше ВМРО-ДПМНЕ цели 11 години. Малку ни беа патриотите и предавниците. Сега пак ќе потенцираме македонските општини и албанските општини, христијани и муслимани, велигдени и бајрами, литии и ифтари, верници и неверници, скопјани и провинцијалци, граѓани и селани…

Толку требаше. Направи сомнеж и пушти го бесот на најјако. Хистерија по медиумите, отров по социјалните мрежи… Ни телевизиите веќе не успеваат да глумат „балансираност“ за да им го заборавиме времето од „куртон вестите“.

Одат колегиве мои по улици со камери и ги прашуваат граѓаните „Што мислите вие за коронавирусот?“ Чаирска експертиза на непознати минувачи. Ќе вежбаме демократија. Ќе го прашаме обичниот човек што мисли тој за коронавирусот. Како воопшто неговото мислење за некој вирус е релевантна информација за сериозен медиум? Што ми е гајле што мисли некој за некаков вирус, ако тој не е вирусолог, епидемиолог, инфектолог… Лекари не се осмелуваат да даваат толку стручни информации ко што ги даваат експертиве што држат пиксла по тоа семејните ручеци и вечери.

Еј, веруваат дека ги терале да одат во болница за да ги умрат! ?Ама имало и зошто. Затоа што СЗО на државата ѝ давала пари по умрен човек и затоа ги ставале на „вентилатори“. Повеќе умрени, повеќе пари ќе украде власта од државата!? Има логика? Веројатно е истата логика по која на почетокот на кризата раскажуваа дека им нуделе на семејствата по 2.000 евра за да кажат дека блискиот им умрел од коронавирус. Сиромашкиот, се спасил, Бог да го прости. Ќути, барем не дочекал да го чипира Бил ГејЦ со вакцина.

За разлика од експертите од уличните телевизиски анкети, поповите и оџите не трескаат глупости за џабе. Тоа го прават за пари. Баш убаво се вклопи во медицинскава студија за респираторите владиката Агатангел. Тој ги повика верниците да дојдат во црква, да донесат вино, пченица и список со имињата на починатите. Повеќе умрени, повеќе пеење. Повеќе пеење, повеќе пари. Повеќе пари, поголеми џипови. Списокот на попот има далеку поголема логика од „вентилаторите“ што работат на погон  од 5Г зрачење.

3 Вицепремиерот Бујар Османи дури сега дознал дека неговите гласачи поради лажни вести за коронавирусот не веруваат дека постои, се плашат да одат во болница и не сакаат да се тестираат. Тој како да не си ги знае пациентите што ги оперира кога не е политичар. И како да немал контакт  три месеци со гласачкото тело како висок функционер на ДУИ.

И што смисли Османи кога падна од Марс во позитивна Македонија? Секоја фирма и институција да вработи специјален ковид-координатор. Со нови партиски вработувања најлесно се информира гласачкото тело.

Така се затвора кругот. Од респиратор станува вентилатор, преку координатор, па сѐ до сертификатор. Нема да има потреба од дополнителен ангажман на инспектор Османи. Сите зборови се интернационални и не бараат двојазичност.

4 Ако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкски вели дека кога седел со уште двајца пријатели во затворен дел од кафеана не му биле познати протоколите за заштита од коронавирусот, тоа значи дека и тој и партијата целата стратегија за одлагање на датумот за избори ја гради врз основа на неинформираност.

Настрана што, не ми е јасно зошто баш мислењето на Мицкоски „за датумот“ е најрелевантно во однос на другите што седат на лидерските средби кај Пендаровски, па само него секој ден по сто пати го слушаме како здравјето му е пред сѐ. Другите лидери, што не се толку гласни, барем оделе на избори. И сега ќе одат. Мицкоски, за разлика од нив до сега нема добиено ниту еден глас, ниту пак има намера да добива, освен што го има гласот на Груевски. За советник, за директор на ЕЛЕМ и сега за лидер на партија. Останатите што седат на масата со него ги избирале граѓани.

Нејсе. За тоа нека му ја мислат вмровците што и на овие избори немаат можност да го гласаат за пратеник.

Сепак, мислам дека неговото седење во кафеана во скопско Дебар Маало не било случајно. Тоа било показна вежба во рамките на кампањата „Здравјето во теретана и во кафана – пред сѐ“. За да може Мицкоски лично да провери колку е безбедно да се излезе на избори.

Таму седел во затворен простор два и пол часа. Бил со двајца пријатели на кои не им била правена епидемиолошка анкета. Плус имало и келнери. Па некој му готвел, некој му дробел салата, му ги миел чашите, му турал пијачка…

Значи, ако било безбедно два и пол часа во затворена кафеана, тогаш зошто не би било безбедно 5-10 минути на избирачко место?

5 Мачно е да се зборува за датум за избори во време кога имаме 180 новозаболени од коронавирус само во еден ден. Ама, од друга страна, потсете се само на сцената од пред кафеаната. Таму имаше партиско обезбедување, плус вмровска полиција, плус сдсмовска полиција и на крај специјална полиција, која дојде да интервенира затоа што газдата не ѝ давал да влезе на инспекцијата цели два и пол часа.

Три години ВМРО-ДПМНЕ не е на власт, а покрена цел организиран систем за да скрие снимки од кафеана. А вие уште се чудите дека сакаа да ги уништат снимките од организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира