ВРАТИ ГО ЗЕЈТИНОТ

Тоа е државата. Една голема дивоградба без лиценца. И најстрашно е што тоа никому не му пречи. А и да ни пречи, кому да се жалиш, кога не им пречи ни на тие на кои им плаќаме да им пречи.

ВРАТИ ГО ЗЕЈТИНОТ

1 Дали некој верува дека ќе се открие причината за пожарот во кругот на поранешната фабрика за мебел „Треска“ во скопската општина Центар? Дали некој верува и дека ќе има некоја истрага од што настанал пожарот? Дури и да има истрага, дури и да се открие некоја банална причина, дали некој ќе верува дека пожарот не бил подметнат за да се намали пазарната вредност на парцелите на кои треба да се градат згради? Цела ковид болница изгоре во Тетово, 14 луѓе изгореа, па истрагата заврши со кабелот како главноосомничен за пожарот, а сега треба да очекуваме истрага за пожар без жртви на супер атрактивно земјиште за градба во центарот на главниот град. Не сме толку наивни.

Никој не верува во институции. Ниту во државни, ниту во општински. Кога веќе зборуваме за урбано дивеење, треба веќе да ја смениме терминологијата. Тие што градоначалниците ги нарекуваат „инвеститори“ – не се инвеститори. Инвеститор носи некаков напредок. Инвеститор не би предизвикал пожар среде главен град, од кој, за среќа, само се задушивме. И треба да престанеме да се чудиме „како не им е срам!?“. Срам!? Сите што мислат дека некој градежник би се откажал од милионски ќар затоа што требало да му биде срам, не се баш саглам со умот. Зошто некој би се откажал од ќарот, кога нема кој да го казни? Ниту по сила на закон, а богами ниту по сила на гласачкото тело. Оти за кого и да гласаат граѓаните, исто им се фаќа. Власта се здружува само со тие од коишто може да земе пари за себе. На избори глумат дека ќе го бранат јавниот интерес. А штом дојдат на власт, го бранат само интересот на таканаречените инвеститори.

Во земјите на кои сакаме да се угледаме секаде има приватна сопственост. И секаде приватниот капитал е заштитен. И секаде има бизнисмени кои се занимаваат со градежништво. Ама, во тие земји државата не прави урбанистички планови по желба на градежниците. Општините решаваат што ќе има на одредени површини, ама не според ќефот на градежниците, туку според јавниот интерес. И сигурно, во тие земји градежниците не се сиромашни само затоа што граѓаните имаат добар квалитет на живот.

2 Пред точно три години, на почетокот на април 2019, изби голем пожар во општината Карпош, каде што беше запалена дивата депонија на кејот на Вардар во непосредна близина на станбени згради, бензинска пумпа, три болници и луксузен хотел. Тоа беше последен од низата пожари што таа пролет се појавија насекаде низ државата, гореа шуми, трски покрај езерата, националнн паркови, депонии, ниви… Тогаш истрагата покажа дека депонијата во Скопје била намерно запалена, оти огнот се појавил истовремено на шест места. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ден по пожарот изјави: „Имаме сериозни индиции дека пожарите се подметнати од политички причини и ако тоа го потврдиме, тогаш станува збор за сериозен тероризам што ѝ се прави на државата“.

И што се случи со терористите? Ништо. Само ја проширија дејноста. Од палење дива депонија среде град, се преселија на палење напуштени објекти, исто така, среде град.

3 Да не беше покојниот Денис Тот ракометар, плус тоа и странски државјанин, немаше да се открие дека ноќниот клуб во Градскиот парк во Скопје пред кој беше убиен, работел нелегално оти од пред два месеца имал забрана за работа. Ама клубот си работел, оти кога инспекторите во февруари отишле да ја врачат забраната, не нашле никого во објектот. Во меѓувреме, му одела инспекција од УЈП, го казнувале за неиздавање фискални сметки, а тој не смеел ни да работи.

Трагедијата е што во ова откритие нема ништо необично. Како што никој не беше изненаден кога се откри дека автобусот во кој изгореа 45 патници во сообраќајка во Бугарија сто пати ја поминувал границата без лиценца. Како што на никој не му беше некое сензационално откритие дека газда на станицата за технички преглед на автобусот во кој загинаа 22 патници кај Ласкарци е и газда на превозната фирма што е сопственик на автобусот. Никој не е изненаден и дека за несреќата уште нема судска завршница.

А и зошто би се чуделе дека некоја дискотека работела, а немала лиценца за работа, во држава во која новоизградениот државен театар во Велес работеше седум години, со претстави, вработени и публика, а немаше технички прием и употребна дозвола? Кој треба да го контролира тоа, кога половина од јавната администрација работи во згради од „Скопје 2014“ кои уште немаат технички прием?

Тоа е државата. Една голема дивоградба без лиценца. И најстрашно е што тоа никому не му пречи. А и да ни пречи, кому да се жалиш, кога не им пречи ни на тие на кои им плаќаме да им пречи.

4 Што правиме муабет дали имала дозвола за работа некоја дискотека во центарот на главниот град во државата, кога државава нема ни Уставен суд. Додуша, има Уставен суд кој треба да има девет уставни судии, ама не е функционален оти има само петмина. И повторно – никому тоа не му пречи. А и да ни пречи, што можеме ние да направиме, кога не им пречи на пратенците во Собранието што сме ги гласале да си ја вршат својата работа, меѓу другото и да изберат уставни судии за да го комплетираат составот на Уставниот суд.

Утре некому да му текне да воведе диктатура, нема да има Уставен суд кој би пресудил дали е тоа уставно, или не е. И тоа никому не му пречи.

5 Си ја отвори Владата Пандорината кутија од популистички непазарни мерки прво со недела неработен ден, па со минимална плата, па со ограничување на маржите на горивата и основните прехранбени продукти и дотуркаа до соопштението на Министерството за економија, дека смее да се купи само едно шише масло за јадење дневно. Не мисли белким Владата да нè запишува по список кога одиме во продавница по масло за јадење. Нема белким да оставаме податоци од лична карта на каса кога ќе ја достигнеме квотата од едно шише, па да не смееме да одиме во друга продавница, или да се вратиме во втора смена?

Од Министерството за економија „ги замолуваат трговците на мало, во случај кога купувач ќе побара да купи поголеми количини на масло од сончоглед за јадење во текот на денот, за ова веднаш да го известат Државниот пазарен инспекторат“. Што? Ќе ни праќаат инспектори да ни ги проверуваат кујните дома, или ќе нè бркаат по улици штом излеземе од самопослуга – врати го зејтинот, сега ќе ти пишам казна.

Сепак, можеме да бидеме мирни ако Пазарната инспекција биде ефикасна како што беше ефикасна со затварањето на дискотеката пред која се случи убиство додека ѝ било забрането да работи. Инспекторите ќе реагираат само, ако не дај боже некој биде убиен покрај полиците за масло за јадење. Па после ќе соопштат дека убиството нема врска со нивната акција.

6 Бугарскиот претседател Румен Радев во телефонски разговор со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, рекол дека во интерес на стабилноста на обединета Европа е секоја земја кандидат за членствво во ЕУ да ги почитува европските вредности поврзани со правата на своите граѓани.

Значи, тие што сакаат да бидат членки на ЕУ, како што е Македонија, треба да ги почитуваат европските вредности за своите неевропски граѓани, а тие што се веќе членки на ЕУ, како Бугарија не треба да ги почитуваат европските вредности за своите европски граѓани.

А стабилноста на обединета Европа не зависи од европска Бугарија која го блокира проширувањето со вето затоа што не го признава народот и јазикот на соседната држава, туку зависи од неевропската Македонија која треба да признае дека Македонците се Бугари, македонскиот јазик е бугарски и која треба да се согласи да се запишат 3.500 Бугари во Устав под диктат на европска Бугарија. Затоа што европска вредност е да им кажуваш на други суверени земји што треба да напишат во Уставот и да не ги почитуваш правата на своите граѓани како што се Македонците, на кои не им се дозволува да имаат здруженија во земја – членка на ЕУ.

Премиерот на Бугарија Кирил Петков доаѓа во Битола да посети здружение на Бугари, затоа што Македонија е европска земја и дозволува слободно здружување на нејзините граѓани. Премиерот Димитар Ковачевски не може да оди во Бугарија да посети здружение на Македонци, затоа што Бугарија како европска земја не дозволува здруженија на Македонци. Иако има 12 пресуди од Европскиот суд за човекови права.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира