1 Кога ја видоа Катица Јанева дека џвака мастика додека дава изјава дека некој можеби ќе се спаси, оние што секогаш имаат големи очекувања од сите, само не од себе, рекоа дека маичките што ги носеле на Шарената револуција ќе ги чувале за лупење пиперки за ајвар. Ја напизмија специјалната обвинителка исто како што ја напизмија за чипката што ја носеше при првото јавно појавување. Додуша, после нарачуваа маици со нејзиниот лик оти беа фенси. А после, стана фенси да се плука по СЈО оти било неуспешно.
Е па, не ги фрлајте маичките со СЈО. Вратете ги во плакарите. Може ќе ви требаат за пак да се фалите оти сте биле големи борци. Ете, Сашо Мијалков е осуден на три години затвор и седи во притвор до правосилноста на пресудата. Тоа е моќникот што на Катица Јанева не ѝ даваше да влезе во УБК за да го истражува прислушувањето.
Донесување на закон со кој СЈО ќе продолжи да работи е услов за ратификација на протоколот за влез во НАТО во парламентите на неколку земји членки. И покрај тоа што веќе го сменивме името.
СЈО веќе има добиено две пресуди. И тоа, за поранешниот премиер и за шефот на тајната полиција, братучедот чие име со шепот се изговараше. Има и уште шеснаесет обвиненија што се во судска постапка. Тие што ќе ги фрлаат маичките, брзо заборавија дека СЈО две години работеше безмалку во илегала. Додека раководството на ВМРО-ДПМНЕ спремаше пуч. И – што е тука неуспешно во работата на СЈО? Катица ли е крива што Груевски избега од државата? Катица ли е крива што од државата избегаа двајцата клучни разузнавачи обвинети за нелегалното прислушување на илјадници граѓани, што ја предизвика најголемата политичка криза? Катица ли е крива што ВМРО-ДПМНЕ на чело со ДУИ го кочи донесувањето на Законот за СЈО?
2 Туку, имаме среќа што некому, кој е далеку, му е многу поважно отколку на нашиве политички лидери да ја видат земјава во НАТО. Па мораше да дојде Филип Рикер, новиот висок функционер во Стејт департментот, божем приватно да се види со пријателите, за да им ја свитка раката и на власта и на опозицијата. Па Владата итно го одбри законот и го прати во Собранието.
И ајде сега, пак ќе нѐ тупат со лидерски средби. Ќе купуваат време, ако може уште некој да избега. Па ќе се расправаат кој ќе оди на средбите, па дали осудениот Мендух Тачи се вклопува во форматот, оти за него СЈО не побара притвор пред да оди в затвор, па Христијан Мицкоски ќе прави драма зошто на Прочка се прават лидерски средби, па Али Ахмети ќе излезе да пуши и ќе заборави да се врати, па ќе ги чекаме до полноќ да даваат изјави, па новинарите ќе чекаат на некој плочник да јавуваат кој влезе, кој излезе, па левото и десното крило на Беса ќе излезат со свои барања и на крај, Заев ќе даде изјава со оптимизам за консензус за едно општество за сите…
Гледам јас, Филип Рикер ќе мора набрзо пак да ги посети пријателите.
3 Сѐ потсеќа на драмолетките со Пржино 1 и Пржино 2. Со тоа што сега апла се гледа дека на ДУИ му пречи постоењето на СЈО. Државата го смени името за да влезе во НАТО. А сега НАТО пак виси оти никој од ДУИ не смее да биде обвинет за криминал. ДУИ не е одметнат од владејачката коалиција. ДУИ е одметнат од државата. И ако продолжат функционерите на ДУИ да бидат недопирливи за правдата, нема да пропадне само владејачката коалиција или СЈО. Ќе пропадне државата.
И сега ќе глумат лидерска средба. Заев ќе раскажува приказни за консензус. А всушност, ќе се ценкаат да не одат во затвор. Секој муабет за консензус за да се спроведе правото и да нема неказнивост, кај нас завршува со уцена од тие што треба да ги стигне правдата.
4 Малку е тоа што ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште нѐ прави глупави, па сега и СДСМ, да не остане покусо, ќе нѐ прави уште поглупави. Оти, ние сме глупави во старт и стварно веруваме дека кандидатите за претседател им се натпартиски, па за да нѐ уверат во нашата глупост, собираат потписи за поддршка на кандидатурите.
Уште не е почната кампањата, ама претседателските кандидати веќе покажуваат за кои вредности се залагаат. Единствената вредност што ја промовираат е бројот на потписи на службеници напикани во државна служба по партиска линија.
Гордана Силјановска-Давкова за рекордни неколку часа собрала 15.000 потписи. А Стево Пендаровски за уште порекордни неколку часа собрал уште порекордни 32.000 потписи. Тоа што ВМРО може да го направи рекордно, СДСМ може да го постигне уште порекордно. Професорката Силјановска ги повика тие што ќе се потпишат за неа да се сликаат и да се стават на Фејсбук. Овие што се потпишуваа за Пендаровски дупло повеќе се сликаа и се ставаа на Фејсбук. Во ВМРО-ДПМНЕ викаат: Дај да се глупираме со потписите. Во СДСМ викаат: Ние дупло ќе се изглупираме.
5 Стево Пендаровски во интервју на телевизија се пожали дека ВМРО-ДПМНЕ ќе водела валкана кампања. Па нормално. Ја има за противник ВМРО-ДПМНЕ. Каква кампања да се очекува од партијата чиешто раководство е обвинето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017? Чиј почесен претседател од азил во Будимпешта ги диктира потезите на партијата. Нека извини Стево што е изненаден.
Тој во интервју се пожали и дека го следат и го сликаат, а не кажува дали пријавил во полиција. Па другиот ден се јави генералниот секретар на партијата, плус и шеф на изборниот штаб Александар Кирацовски, со изјава дека МВР „презеде иницијатива“ да ги открие лицата што го следеле Пендаровски.
Да беше ова нормална држава, генералниот секретар на владејачката партија новинарските прашања за следењето на нивниот претседателски кандидат ќе ги упатеше кај министерот Оливер Спасовски. Немаше тој да одговара во име на МВР. Оти Гордана Јанкулоска ја чувме во телефонски разговор како вика МВРО-ВМРО. А генералниот секретар на СДСМ јавно зборува во име на МВР. Што е следно? Пиштење, вриштење че има?
За овие претседателски избори СДСМ има избор. Или да ги повторува глупостите на ВМРО-ДПМНЕ. Или да смисли нешто оригинално. И паметно. Тоа ќе биде вистинската промена што ќе ја смени очекуваната валкана кампања. Ако на гласачите им понудат нешто паметно, никој нема да се занимава со глупостите на ВМРО-ДПМНЕ.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST