НЕДЕЛА ИЛИ СРЕДА

Изборната стратегија на Али Ахмети е: Да ги плашиме Македонците со ВМРО. Ама да не се сетат Албанците.

НЕДЕЛА ИЛИ СРЕДА

1 Е веќе сѐ во оваа држава мора да биде драма. Сите избори мора да се историски. Па ќе го молиме Христијан Мицкоски малку да заборави на грижата за заштита на здравјето на граѓаните и да прифати некаков датум за избори. Па Али Ахмети пак ќе ни продава националистички романтики. Па денес не може, утре ќе видиме, па задутре да се договориме, па канали за комуникација ќе копаме… Па 5 јули ќе било, па 8 јули ќе било, па за 12 јули да се испазариме, па недела ќе се гласало, ама и во среда ако може да се гласа….

А бе, не премиер Албанец. Нам премиер ни треба. Ние премиер немаме. Ние Влада немаме. Ние Собрание немаме. Имаме собир на некои политичари што се нарекуваат техничка влада, во која претставниците на ВМРО-ДПМНЕ прават саботажа, а досегашните владини коалициони партнери СДСМ и ДУИ си прават сопки едни на други, оти на изборите ќе си бидат конкуренција.  Те Наќе Чулев не ги казнува граѓаните оти биле депримирани, те заменик-министерката Гордана Димитриевска-Кочовска не потпишува кредит од Светска банка за да нема пари ни за граѓаните, ни за фирмите, ни за јавното здравство, те на Бујар Османи лекарите му се криви оти од коронавирус умираат граѓаните што тој ги охрабри да си тераат верски адети…

Мора да има нешто многу нездраво во држава во која опозицијата е таа што бара продолжување на вонредна состојба. Нормално ли е опозиција да бара одлагање на избори на кои е сигурна дека ќе победи убедливо?  А лидерот, кој сите го чекаат да ја спаси државата од овие црнила, се крие зад грижата за здравјето на граѓаните во затворена кафеана и теретана и подига пола скопска полиција за да ги уништи снимките од безбедносните камери.

Уште колку може да издржи оваа сиромашна држава без Собрание и без Влада? Уште колку може да издржат граѓаните без функционални државни институции? Кај нас тие не функционираат како што треба и кога се знае кој е одговорен, а не пак сега, кога на администрацијата баш ѝ е гајле бидејќи нема ни кој да ја организира. Медиокритетските директори напикани по партиска линија не се кадарни за функцијата ни во нормална ситуација, а не пак сега кога нема ни кој да им свика.

Вака уште долго нема да издржиме. Многу поголеми и побогати држави со стабилни институции кризираа. А ние дебатираме дали оваа среда или другиот петок ќе одиме на избори оти не било безбедно за здравјето. Па да подебатираме уште малку и ќе дојдеме до дереџе да нема кој ни набавка на лекови да потпише. А нема да има ни пари за набавка. И – што е најважно, никој за тоа нема ни да биде одговорен.

2 А тие што решиле да не гласаат, оти немаат избор, слободно нека си останат дома и нека си  пишуваат на Фејсбук. Оти, тие политичката ситуација и состојбата во државата ја анализираат од морална височина што ние „мороните“ со нашите скромни интелектуални капацитети не сме дораснати да ја разбереме.

Блазе си им. Како да не живеат во оваа земја. Како да се родени скандинавци кога ми раскажуваат приказни за трети опции и нови лица во политиката. Дека ние што сакаме да има избори и што ќе одиме на гласање сме ептен среќни оти изборот ни е стеснет меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. И дека ние не сфаќаме колку би било подобро ако имаме избор и за некаква нова опција.  И сменет модел на избори.

Ама, тоа е изборот. Викајте го – избор меѓу две зла – тоа ни е.  Само, не знам како воопшто граѓанската битка за одговорна власт може да се смени со седење дома, мрчење на фејсбук и задолжителното „Мршш“ под секој пост. Знате колку се потресени кога им викате „Не ме занима политика“?  Или, она „не ви гласам бе“! На кого му се закануваш дека не му гласаш? На тој што ќе гласа!?

Не гласајте. Карајте се со компјутерот. Ќе ве владеат тие што излегле да гласаат.

3 Објаснувајќи како ДУИ има намера да го оствари изборното ветување „Албанец за премиер“, вицепремиерот Бујар Османи, инаку по образование лекар, а по професија Албанец, во интервју за „Слободен печат“ изјави: „Граѓаните во 2016 одлучија Никола Груевски да биде премиер. ДУИ одлучи Зоран Заев да биде премиер!“

Досега за да го остварат тоа што го сакаат во ДУИ секогаш се закануваа со пушки и нестабилност. Арно ама, сега не можат со војна, па ќе се закануваат со ВМРО-ДПМНЕ. Откако Заев им рече дека би било здраво малку да бидат во опозиција, најјака карта за ДУИ стана Христијан Мицкоски.

Изборната стратегија на Али Ахмети е: Да ги плашиме Македонците со ВМРО. Ама да не се сетат Албанците.

4 Во 1950-тите години, веднаш по Втората светска војна, низ опустошената и разорена држава, млади лекари и сестри оделе по зафрлени села да го учат населението на лична хигиена и здрави навики, а жените на контрацепција.

Во 2020 година, во држава членка на НАТО и кандидат за ЕУ, ни со полициска асистенција, ни со војска не можат да им земат брис во центар на главниот град за да им го заштитат здравјето на блиските и јавното здравје.

Среќа што најголемиот број од тие пионери на македонското јавно здравје веќе не се живи. Да не се разочараат од овој простотилак. Да не ја видат оваа страотна регресија за само 70 години и цивилизациски скок назад.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари