1 Понекогаш, кога гледам Собраниски канал на телевизија, се прашувам дали пратениците се свесни дека можеби ги гледаат и нивните блиски. Особено, кога има седница за пратенички прашања. Дали се свесни дека кога ги истураат оние најгнасни навреди кон политичките противници тоа може да го чујат и нивните дома, пријателите со кои се дружат, комшиите, децата на пријателите… Вежбаат ли дома пред огледало како да ги изговорат сите оние клетви, пцости, лажги што ги кажуваат на собраниската говорница? Каков ефект сакаат да постигнат? Чуму ти е гласач што се пали на клетви?
Собранискиот канал е лицето на ужасот на македонската политичка елита. Таму нема идеологија, нема дебата, нема размена на искуства и идеи. Таму има само трка кој ќе биде погнасен од другиот. При што, мора да се признае дека ВМРО-ДПМНЕ има извесна предност пред останатите. Сега истуреното лице е пратеникот Драган Ковачки. Си викам, бирајќи меѓу вувузелите на неговите сопратијци и неговите лични навреди кон премиерот Димитар Ковачевски, можеби е подобро да има бучава за да не се слушаат гнасотилаците што излегуваат од уста на пратеник.
Откако ќе го истурат сиот отров од устите ќе заминат да се сликаат в црква, ќе се причестуваат, ќе целиваат рака на владиците, ќе палат свеќи и ќе морализираат за христијански вредности.
До каде ли ќе оди оваа хипокризија? Па после, ќе се чудиме зошто имало тепачки по автобусите. Па политичката елита промовира официјална политика – да се мразиме. Ние треба да живееме со тој отров што секојдневно ни го истураат. И да очекуваме дека со оваа политичка елита сè ќе биде во ред во тешката зима што ни доаѓа.
2 Треба да му се верува и на премиерот Димитар Ковачевски дека сè ќе биде во ред, особено по вонредната ноќна прес-конференција на која откри дека ќе има топла вода. Додуша, изгледаше малку како нервозен директор пред кооперација, ама па и новинарите многу го нервираа – прашуваат на полноќ. Како интелигентно им одговори: „Доколку сте плаќале сметки, не знам дали плаќате дома сметки…“. Туф, туф… А министрите зад него одушевено се смеат, леле, леле, како им го плесна на глупите новинари. Им рече дека ќе пушти топла вода низ цевките. Колку сте шеговит шефе! Уф, ги закопа…
Многу е силен премиерот на домашен терен на Илинденска, покрај Вардар. Ама затоа на Ист Ривер во Њујорк, пред една недела на Генералното собрание на ОН читаше поезија. Наместо да им плесне во говорот и за Бугарите и за непринципелноста на ЕУ што ни направи дестабилизација на државата и за непочитување на малцинските права во земја-членка на ЕУ, тој им рецитираше за мир во светот, мир во земјата. Дома ги омаловажува македонските новинари што ги викнал на вонредна прес-конференција среде ноќ, мислиш Путин веќе ги пуштил нуклеарните ракети кон Македонија, а лани, на јунскиот Самит на ЕУ кога првпат го одби Францускиот предлог во Брисел, буквално бегаше од бугарските новинари. Наместо тој лично да се истакне со својата цинична досетливост, па да го исцитираат во нивните медиуми, го остави Еди Рама да ни го бели образот, тој да им кажува дека „Бугарија е срам за ЕУ со тоа што ѝ го прави на Македонија“. Таму очекувавме да ја брани Македонија, каде што ќе го слушнат и странски новинари, а не дома да ги омаловажува домашните со досетки од типот „Се надевам дека вие како медиум следите дека во Европа има војна…“. Туф, туф… Не. Ние не следиме. Вие следите.
Па и дома, ако е толку јак, што не им с’рже на Али Ахмети и на Артан Груби што си водат паралелна Влада? Што ја остава ДУИ сама да ни ја води државата без да го есапи?
На крајот на краиштата, свикал прес-конференција, новинарите се тука да прашуваат, а Ковачевски нека извини ако не му се допаѓаат прашањата. Основа на културно однесување на кој било политичар, а на премиер особено, е да имаш одговор или да се обидеш да го дадеш одговорот што е можно поверодостојно, на секое новинарско прашање. Оти, премиерот не одговара на новинарите. Одговара на јавноста. И ова не е борба на суети. Ова е однос кон јавноста, која премиерот ја омаловажи со тоа што со грубост и ароганција го покри своето незнаење или неспособност.
3 Министерот за финансии Фатмир Бесими објави дека за 9 месеци државата направила поврат на ДДВ од 30,7 милијарди денари и се пофали дека тоа е „историски највисоко ниво на поврат на ДДВ во стопанството досега“.
Зголеменото собирање ДДВ не е затоа што поефикасно го собираат данокот. Туку затоа што е поскапо. Повисоки сметки за струја, повеќе пари за ДДВ. Поскапи продукти во самопослуга, повеќе пари од процентот за ДДВ. Историски највисоки цени, историски најмногу пари од ДДВ. Во второ-трето одделение, мислам, се учи таа математика. Ако не и порано.
Што си мислат кога ги пишуваат соопштенијата? Дека од државата си отидоа сите паметни, па останаа само глупавите? А тие се паметни лидери на глупав народ.
4 Интересно е како се разбранува политичкава вода низ Македонија. Во Скопје за пари се скараа градоначалничката што победи со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска и партијата што ја поддржа, ама се направи интересна коалиција меѓу Левица, ГРОМ и ДУИ. Во ДУИ се појавија некои „огнени“ што се против Артан Груби.
Па во која друга партија има пресметка со калашникови кога се бираат локалните шефови на партиските ограноци. За идеологија да не се скараа? За демократија се тепаат? Не, бре. Целото ова политичко превирање е за пари. И тоа за личен интерес, ама маскиран како партиски.
Сега треба да се секираме дали ќе падне Владата ако „огнените“ од ДУИ го напуштат владејачкото миозинство во Собранието. Нѐ чека тешка зима, ковид кризата уште не е замината, цените растат, Путин се заканува со нуклеарна катастрофа, а нам стабилноста на државата ни зависи од тепачката за пари.
5 Па после се чудиме зошто на граѓаните им е згадено од валканици, неискреност и од политиката воопшто. Па или резигнирани не излегуваат да гласаат, или во корист на сопствената штета гласаат за некакви палјачовци кои им се гледаат интересни. За инает. Или – ај да ги пробаме.
На пример, ме загрижи дека во Италија, една од шесте земји основачи на Европската заедница од која израсна Европската унија, за првпат по Мусолини на власт доаѓа крајна десница, но многумина не се вознемирија од фактот дека победиле наследници на фашизмот, туку им беше поважно дека за првпат Италија ќе добие жена за премиерка.
Во очај кога немаме избор, такви замени на тези имаме и тука. Ама во случајов со Џорџа Мелони, не знам дали има полоша услуга за жените во било која професија, а посебно во политиката, од наследничка на фашизмот за премиерка.
Жени или мажи – сеедно е. Не е време неспособноста да се крие зад полот.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST