НАТО ВО ПЛАМЕН

Во која држава, членка на НАТО запира битката против корупцијата затоа што ќе има избори?

НАТО ВО ПЛАМЕН

1 Полицијата има индиции кој ги пали контејнерите низ Скопје. Имаме симултано палење контејнери на повеќе локации низ градот, во ист ден имаме пожари на четири планини, и тоа во ноември, од почеток на годината имаме околу 400 пожари на отворено. А полицијата има одредени индиции. Браво за индициите. Браво и за МВР.

Во серијата палежи на контејнери, еден беше запален и пред Генералштабот на АРМ во центарот на Скопје, главниот град на најновата членка на НАТО. Среде Дебар Маало, на тесна прометна улица, во близина на кафеаните каде што е ноќниот живот, и на десетина метри од стражарите на армијата и сообраќајците што ловат пијани гости. Па ако некој имал таква храброст, па и време, незабележано да го полие контејнерот со бензин, па да го запали, и тоа пред Генералштабот на војската на НАТО, тогаш утре ќе има храброст и да фрли бомба на истата војска на НАТО. Затоа што никој не го фаќа. Никој не го казнува. Море, никој не го ни бара, а камоли да го фати, па уште и да го казни. Тоа навистина е сложена полициско-судска операција.

Туку, налет контејнерите. Во иста вечер беа запалени четири планини. Имаше шумски пожари во ноември. Од скара да не се потпалија истовремено и Осогово и Маврово и Крушевската корија и Шара?

Ако на подметнувачите на пожарите им било цел да докажат дека власта е неспособна, тогаш акцијата им е успешна. Докажаа. Неспособни се. Оти никого не фатија. И никого не спречија да продолжи да пали.

Ама, како ќе живееме ние со таа нивна неспособност? Ме плаши палењето. Ама, уште повеќе ме плаши што власта одбива да прифати да ги третира овие саботажи како безбедносно прашање. И палењето на шумите и палењето на контејнерите се уништување на јавното добро. Плус, придонесува за дополнително енормно загадување на воздухот, кој ионака е веќе загаден, за што исто така никој не одговара. И бидејќи никој не одговара, и палењето и загадувањето и уништувањето на јавното добро станува нешто вообичаено. Секојдневие. Нормално е да се палат шумите, нормално е да се палат контејнерите… Нормално е да се пали државата.

2 Да е ова нормална земја членка на НАТО и кандидатка за ЕУ, со владеење на правото и строго почитување не безбедносни протоколи, овие подметнувачи на пожари ќе беа прогласени за терористи и ќе беа фатени и осудени. Ама кај нас, оти е нормално да гори земјата, ние само ќе апелираме терористите да престанат да палат. Затоа и полицијата уште е на ниво на индиции. Да не случајно се навредат терористите.

А ние како граѓани, се вознемируваме и се прашуваме од каде ли излезе толку омраза да си ја палиш и уништуваш сопствената земја. Ама, на полицијата не ѝ е работа да се занимава со филозофски прашања и психијатриски дијагнози. Нејзината работа е да ги фати палачите и нарачателите на палењето.

3 Туку, не дај боже, да фатат некого. Па уште и да го дадат на обвинител, па обвинителот да поднесе обвинение, па судот да го прифати обвинението, па да го суди, па повторно да го суди… Тешко нас. Дури тогаш ќе изгори цела земја.

А за судење се. Особено ако намерно палиш за да предизвикаш загадување од кое се умира. Не е тоа – ми се запали нивата, правев скара на ливада… Тоа е најмалку обид за убиство. Да не споменуваме разни други злосторнички дела и здружувања против безбедноста на државата.

Ама кои судии, кои обвинители уште и со тоа да се занимаваат? Кај нас борбата против корупција запре, оти ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ преговараат за закон за обвинителство, а и избори ќе има, а не пак палачи на контејнери и шуми да се судат.

Гледате ли во каква фарса се извитоперија сите судења за случаите на СЈО? Судиите намерно ги тегнат рочиштата за да поминат три месеци за одново да почнат судењата, адвокатите во последен момент откажуваат полномоштва, па повторно увид во докази, па повторно распит на сведоци, па се разболел, па бил на службен пат, па во Собрание бил пратеник, имал работа, па дипломатска активност имал…

Ама и судиите исто како подметнувачите на пожари. Чекаат избори. Ништо од генераланиот реизбор на судии, ништо од ветингот на судиите, ништо од телото за судски реформи…

На еден новогодишен брифинг пред речиси две години, самиот премиер Заев викаше дека му се гади од лигавењето на некои судии што му се упикуваат откако дојде на власт, а претходно му служеа на Груевски. Ама, поминаа две години и кога судиите видоа дека никого не засегнаа судските реформи, оти реформи не се ни направија, еве ги, полека си се вртат кон старите газди. Ене кај е април. Може ќе дојде Мицкоски, а може и Груевски ќе се врати. А и некои кривични дела од предметите на СЈО ионака ќе застарат.

Во која држава, членка на НАТО запира битката против корупцијата затоа што ќе има избори?

4 Изгледа ние премногу очекуваме од целиот државен систем што треба да ни ја гарантира безбедноста и да обезбеди ефикасно владеење на правото.

Неспособноста да се фатат и да се казнат подметнувачите на пожари не е нешто ново. Кадарноста на целиот тој безбедносно-правен систем се покажа точно пред една година, онаа вечер, кога полицијата го бараше Груевски во багажниците на колите што излегуваа од гаражата под палатата на ВМРО-ДПМНЕ и кога тропаше на вратата на Боркица. А Груевски, во некоја кола со унгарски дипломатски таблички некаде низ слободната Шенген зона на Западниот Балкан без граници, веќе го спремаше постот на Фејсбук „Јас сум во Будимпешта сега“.

5 На шест месеци пред избори може да запре борбата против корупција. Ама не може да запре донесувањето криминални урбанистички планови. Како што е планот на Општина Кисела Вода за нови 100 згради и најмалку 20.000 жители на мал простор.

Градоначалникот Филип Темелковски вели дека само со градење згради може да се финансира Општината. Од комуналии. А кога ќе се изгради сето земјиште?  Што правиме тогаш? Што ќе прават општините кога ќе им се потрошат единствените ресурси што ги имаат – градежното земјиште?

Зошто воопшто постојат урбанистички планови? Зошто постои локална власт? За да го штити јавниот интерес и да обезбеди квалитетен живот на граѓаните? Или да го штити интересот на капиталот? Што туку глумат урбанистичко планирање, ако само до пари била работата.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира