1 Министерството за внатрешни работи е вклучено во предистражната постапка за снимањето на разговорите на службената телефонска централа во Јавното обвинителство, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски како итна реакција, откако Јавниот обвинител Љубомир Јовески откри дека од 30 септември 2016 до денеска се снимале разговорите на обвинителите.
Од Владата велат дека „одговорноста мора да биде идентификувана и утврдена и да има ефикасна судска разрешница“.
Ако МВР ја води истрагата за снимањето на разговорите во Обвинителството со истото темпо како што ја води истрагата како им избега осуденото лице Никола Груевски, тогаш верувам дека сто посто „одговорноста ќе биде идентификувана“. А „судска разрешница“ ќе има некогаш. А може ни тогаш.
2 Дали МВР сега ќе продолжи паралелно да ги води двете истраги – онаа за бегството на Груевски и новата, за снимањето на фиксните телефони на обвинителите – или ќе мора да се сконцентрира само на обвинителите, оти тоа било „рецидив од минатото“? А Груевски веќе е во иднината. Во Европската унија и НАТО.
Не знам зошто брзање да се открие кој е виновен за бегството на поранешниот премиер. Па осудениот Груевски е на безбедно. Доби азил, барањето за екстрадиција е испратено во Будимпешта, а и судот во Скопје му одреди притвор. Кај и да ѐ, на сметката ќе му легне и првата азилантска пратеничка плата. И тоа цела, оти до 7 ноември доаѓал во Собрание на работа, а во деновите на бегството пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го пријавувала за оправдано отсутен.
Исплатата на првата пратеничка плата во азил е уште едно од достигнувањата на македонската космодиск демократија и легализам. Звучи шашаво, ама функционира. Сѐ по закон, шефе.
И СДСМ почна да нѐ фаќа на кондиција како што правеше ВМРО-ДПМНЕ. Поминаа три недели од бегството на Груевски преку четири граници, а истрагата е стасана до откритието дека непосредно пред да избега купувал тренерки и пижами и се распрашувал како е во затвор. Демек, им ја заметнал трагата. Со 230-те илјади евра што ги извадил во септември ли ги купувал пижамите? И зошто сакал нови пижами? За среќно да му почне новиот живот во затвор? До пижамите ли е стасана истрагата? Или толку успеале да смислат.
Сите тие приказни се супер интересни. Само уште да дознаеме како избегал. И кој е одговорен за тоа.
Па нели во МВР ги дигнаа критериумите за одговорност кога оној што со службен џип му ја возеле ќерката на камп во Грција Владата итно го разреши, оти го оштетил буџетот за 50 евра? А кога ќе ти избега најбараниот криминалец – никому ништо.
Унгарија е поефикасна во давање азил, отколку што Македонија е ефикасна во спроведување полициски истраги како можеше да избега поранешен осуден премиер чуван од професионални полицајци. Којзнае, можеби затоа Унгарија е членка на ЕУ и НАТО, а Македонија не е.
3 Министерот за транспорт Горан Сугарески вели дека не може да ја спречи градбата на висококатници во најстрогиот центар на Скопје спроти „Холидеј ин“, оти државното земјиште било продадено за 300 евра квадратен метар согласно законите. Кога градежна фирма на МПЦ, без ниту еден вработен и со нула денари на сметка купува земјиште од државата за 2,3 милиони евра, сфаќаш дека Груевски е уште тука. И уште купува плацеви. За џабалак.
Затоа што, Владата на Заев не ги менува законите на Груевски. Што беа донесени не за да се штити јавниот интерес, туку за да може елитата на власт да купува за џабалак. Купувачот на државното земјиште во најстрогиот центар на главниот град можеби е сменет. А можеби и не. Ама, принципот секако е ист.
4 Сте виделе ли на што личи сега паркингот спроти „Холидеј ин“? Додуша, тој и кога беше уреден и кога се плаќаше паркинг беше хаотичен, ама сега е хорор. Држат седници во Собранието за загаденост, којзнае колку пари за елаборати против загаденоста потрошија, а во строгиот центар на Скопје вртат коли, чадат ауспуси, се паркираат една врз друга, без никаков ред, се заглавуваат, се блокираат едни со други…
Има ли, бре, тука држава? Има ли тука локална власт? Толку ли интересот на приватните градители е поважен од јавниот интерес? Која нормална држава и која нормална градска и општинска власт би дозволила ваква црна дупка во најстрогиот центар на главниот град? Во најзатуреното село на сретсело има повеќе ред отколку во строгиот центар на Скопје. Власта, и тоа од надлежното министерство за транспорт па до градоначалниците на Скопје и на Општина Центар, или не сака да се занимава со својата работа, или толку ги бива. Па си имаат оправдување: „Сѐ по закон, шефе“.
5 Меѓу редовните вести за бегството на Груевски и некаде помеѓу извештаите за помирувањето и за загадувањето, како брејкинг њуз се протна насловот „Вицепремиерот Хазби Лика по седум месеци почна да оди на работа“. Е па, супер. Сега ќе може без да му бројат што јадел и што пиел пак да го користи владиното бифе. А и ручеците и вечерите ќе може да ги плаќа од службената картичка, оти веќе има оправдание да троши наши пари. Доаѓа на работа.
Уште колку пати ќе умира пародијата во Македонија?
6 Колку што се шокирав од ненадејната смрт на драмскиот писател Горан Стефановски, уште повеќе се шокирав дека некому му пречи неговата последна желба пепелта да му биде расфрлена во Охридското Езеро. Човекот ја задолжи Македонија создавајќи дела што се национално богатство. Уште додека беше жив го споредуваа со Шекспир. А на Фејсбук, цели дебати се отворија дали со пепелта ќе се загадело Охридското Езеро!?
Е, и тоа е Македонија. И тоа е тој простаклук. И баш тој простаклук и во 21 век го загрозува македонскиот идентитет. Не го загрозува ни Грција, ни Бугарија, ни Србија, ни Тиранска платформа, ни ЕУ, ни НАТО… Ова е оригинална, простачка, тврдокорна злоба што ја држи Македонија заробена и изолирана. И тука завршува приказната за одбрана на идентитетот.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST