КУМ 4

Баш фино што одработивте за криминалната банда што се претставува како  ВМРО-ДПМНЕ. Само немојте да се правдате дека сте работеле за доброто на Македонија.

КУМ 4

1 Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг фучи на безобразието на ВМРО-ДМПНЕ, а премиерот Зоран Заев уште глуми наивност. Вели дека ќе разговарал со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за да обезбеди 80 гласа за уставни измени  и тоа „во пријатна атмосфера“. А пратениците пак, дури и тие што одлучувале самостојно и го послушале лидерот Христијан Мицкоски да го следат разумот и срцето па по слободна волја излегле да гласаат на референдумот за името, сега ќе потпишувале заклетви дека нема да гласаат за промена на Уставот. Тоа е хендикеп кога си во опозиција. Кога беа на власт потпишуваа меници. Сега ќе даваат заклетви.

Пред кого ќе се заколнуваат вмровците? И чиј прстен ќе бакнуваат кога ќе се заколнуваат?  Како во сцената од филмот „Кум“.  „Кум 1“, „Кум 2“, „Кум 3“. И „Кум 4“. И продолжува. Оти имаме и агенција за обезбедување со инспиративно име, „Омерта“, блиска до власта. И тие работат на случајот.

2 Туку, сега што правиме? Ај ВМРО-ДПМНЕ што бојкотираше референдумот – бојкотираше.  Со што ли ќе нѐ просветлат сега мудросерите од високоумната интелектуална елита што го поддржа бојкотот и го туркаше како единствена исправна опција? Имаат ли сега идеја како да се излезе од оваа нова криза? Оти и додека од високо мудросереа за референдумот, никогаш не кажаа која е алтернативата на Македонија освен прифаќање на договорот со Грција, за да се влезе во НАТО и за да се почнат преговори со ЕУ.

Те сите се исти, те сами сме требало да се демократизираме, те  сами сме можеле да се средиме, само дебата и разум ни требало, те процедура да се почитувала, те политичките елити нѐ заробиле и време е да се казнат… Не објаснија ни како, ни до кога. И со кого?

Многу ги болело во пределот на Преамбулата. Па  затоа избраа да го реанимираат  ВМРО-ДПМНЕ. Многу биле навредени од тоа како бил направен договорот со Грција. А сега не се навредени дека по умот на Мицкоски ќе живееме статус кво со нефункционално Собрание, со несигурна економија, со неизвесна иднина… Биле навредени оти Ангела Меркел ни кажувала што да правиме. А сега не се навредени оти ќе имаме Пржино 100,  со емисари од многу понизок ранг на германската канцеларка и британската премиерка. Со длабоки филозофски мисли нам, глупавите, ни објаснуваа дека сега не е вистинскиот момент да се отвори врата за иднината. Сега било момент за правење ајвар. А ни ајвар не направија.

Од сите нас бараа одговорност. А тие, длабокоумните од интелектуалните височини, самите одговорност не покажаа. Покажаа дека не се кадарни за основно демократско однесување, а нас на демократија нѐ учеа.

Ова нема врска со болката во пределот на Преамбулата. Ова е неодговорно одработување за ВМРО-ДПМНЕ. За криминалната банда што нѐ држи во стега еве веќе 13 години. Звучи ли доволно интелектуално?

3 Баш фино што одработивте за криминалците. Само, немојте да се правдате дека сте работеле за доброто на Македонија. Оти, ВМРО-ДПМНЕ не работи за Македонија. Тоа е веќе извесно. И тоа еве веќе 13 години.

Ај кажете ни сега вие високоумна интелектуална елито на што ќе личат изборите? Кои теми вие, вака демократски, ќе ги  наметнете на гласачкото тело со неспорен демократски капацитет од типот на „триста комада доктори, само од Центар, гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Еден по еден се викани од сабајле. Со сериски бројчиња се“. Или „400 вработени ми се на список, наши, плус од Телеком, плус Алек што ми даде друга група“. Или „да го собереме тој директорот на Комуналното и со кола, под закани да носи Цигани што работат во Комуналец да гласаат. И полициски патроли да патролираат цел ден да се обесхрабрат комуњариве да гласаат“.

Овој демократски капацитет се слушна во бомбите на судското рочиште за злоупотребите за време на локалните избори во 2013, во случајот „Титаник“ на СЈО.

За што ќе дебатирате вие високоинтелектуални мудросери? Прво – името не го даваме. Второ – Шиптарите ќе ни ја земат државата. Плус, мигрантите ќе ни ги доселат во испразнетите градови и села. Чат-пат ќе падне некој збор и за Александар. За избирачкиот список нормално е дека пак ќе се расправа. Па, претседателот на Собранието Талат Џафери, кој го распиша референдумот, не можеше да гласа оти го немаше на список. И за ДИК, чиј претседател Оливер Дерковски, во 2011 на изборите добивал инструкции од Миле Јанакиески како да ги збуни гласачите на СДСМ со кандидатска листа на која се Рада Шекерова и Зоран Зашев.

Што ќе ветува ВМРО-ДПМНЕ на митинзите? ЕУ? НАТО? Економски растеж и просперитет? Или ќе делат флаери со рецепти за јадења од корења? Оти ајварот ќе биде луксузна варијанта, само за фамилијата и чуварите на фамилијарното наследство, како Мицкоски.

4 Па тие уште сега рекоа дека договорот со Грција е мртов, и дека со неизлегување на референдум го одбраниле името. Па зошто нѐ лажевте 11 години дека преговарате? Зошто референдум ставивте во својата програма кога не сте имале намера да се договарате со Грција? Па и на своите членови во програмата сте им кажале дека „ќе се изјаснат македонските граѓани на референдум, а при тоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се согласни со можното решение“. Цензус не споменувате, а сега 610.000 кои гласале „за“ ви се малку.

Во ВМРО ликуваат оти го изнервирале Столтенберг.  Којзнае, можеби и Ангела Меркел се изнервирала. И Џејмс Матис што долета од Вашингтон…

Сега, кога ќе победи ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Христијан Мицкоски ќе го чекаат со раширени раце и во Брисел и во Вашингтон и во Берлин и во Лондон. Па и во Париз, оти и Макрон ни прати видео порака. Затоа што светските играчи своите стратешки интереси ги градат во зависност од тоа како ќе им прдне на вмровците во Македонија. И од тоа дали конечно ќе одат во затвор или не, за сите злосторства што ги направија.

И дали „Сашо спие“, како што вика Мартин Протоѓер во една од бомбите во случајот на СЈО „Титаник“ за изборните злоупотреби за локалните избори 2013.

5 Аха. Ќе заборавев. И Грција со широко срце ќе го прими новиот премиер Мицкоски. Оти во Атина одвај чекаат нов договор да испреговараат. Подобар за Македонија. Оти тие имале проблем со нашето име. И ептен зависат од нас.

Би го примиле тие и Груевски. Ама изгледа Идризово ќе го прими побрзо.

6 Постререфендумски гледано, ние сме уште во студена граѓанска војна, која не само што не олабави по падот на режимот туку и се заострува. А Ѓорге Иванов, како единствен политички експонент на мафијашката банда што помпезно се именува ВМРО-ДПМНЕ, ја храни таа студена граѓанска војна и ја разгорува.

Стварно, зошто Иванов е изоставен од каква било истрага? На пример, за неговата улога во организираниот напад на Собранието на 27 април 2017?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира