1 За нападот од осуммина насилници во МНАВ предводен од шефот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири, директорот Фахрудин Хамиди велеше дека е обично кошкање како што има во секоја фирма. Потоа, премиерот Димитар Ковачевски рече дека „М-НАВ е станата семејна фирма“, бидејќи таму работат претседателот на Синдикатот, брат му, а таму работел и татко им и така тие „станале семејство во кое имаат конфликти што обично се случуваат по дома“.
И како се решава проблем со непотизам во Контрола на летање? Со тепање на контролори на летање во зградата на Контролната кула додека над небото има 28 авиони.
Нормално или не, тепањето во фирма, а и семејното насилство се казнува со закон. Ама, во случајов, тоа не е ни тема на муабет, оти вицепремиерот Артан Груби вели дека немало ни тепање, а Беким Незири не ни учествувал во тепачката.
Значи, од 4 јануари кога беше пријавен силеџиски упад во М-НАВ, па до 9 јануари кога Владата заседаваше да ги разреши директорите на М-НАВ, тепачката прво се претвори во кошкање, па во семеен конфликт и на крај излезе дека колега си донел пријатели и роднини во посета на пријатели и роднини на работно место во Контрола на летање.
За време на Божиќ чуда се случуваат. Немало напад, немало тепачка.
Значи, и авион може да падне, ама ДУИ не смее да падне.
2 Затоа и холандскиот амбасадор Дирк Jан Коп отишол во Мала Речица кај Али Ахмети. Оти, како што вика министерот за надворешни работи Бујар Османи, ДУИ најмногу зборува за корупција.
Во ДУИ стварно најмногу зборуваат за корупција. Кога се договараат како да купат трговски центри, да легализираат дивоградби во национални паркови, да менуваат урбанистички планови за станбени згради, да купуваат хотели во скијачки центри, да узурпираат плажи и заштитени природни и национални богатства…
А најмногу зборуваат за корупција кога обвинуваат за антиалбанство ако некој укаже на корупција од функционери и блиски на ДУИ.
Така што, холандскиот амбасадор треба да ѝ се извини на ДУИ за тоа дека го предупредил нејзиниот лидер за назадувањето во евроинтегративните процеси и за недозволените притисоци врз претседателката на Врховниот суд. Сите ние треба да ѝ се извиниме на ДУИ дека така сме го протолкувале соопштението од холандската амбасада за средбата во Мала Речица со претседателот на најчесниот политички субјект во светот. А најмногу треба да ѝ се извинат семејствата на Албанците чии најблиски им загинаа во катастрофите предизвикани од корупцијата на функционерите на ДУИ.
3 Холандскиот амбасадор вика дека е забележано назадување на евроинтегративниот процес во последните две години.
Тоа се совпаѓа со владеењето на Димитар Ковачевски. Но, се совпаѓа и со бугарското вето, со кое се негира постоењето на македонската нација и јазик што го закочи тој евроинтегративен процес, како и со францускиоит предлог што го легитимира тоа негирање.
Се сеќавам дека тогаш холандскиот амбасадор велеше оти ветото е само една од многуте нерамнини на патот кон ЕУ. Синким, ние не знаевме со кого си имаме работа дома. Синким, не знаевме дека тоа вето, а после и францускиот предлог, ќе ги закочат евроинтеграциите и дека ЕУ наместо да ја стабилизира, ќе ја дестабилизира Македонија. Не само дома, туку и странските амбасадори ги викаа антиевропјани сите тие што укажуваа дека прифаќањето на бугарскиот услов за почеток на преговори едноставно е неодржлив затоа што, настрана понижувањето на македонскиот народ и јазик, отвора простор во земјава да владее корупцијата, а не правото.
Не го зборувавме тоа за инает. Туку, зборевме од искуство. Затоа што знаевме што нѐ чека. Истото го поминавме со Никола Груевски после 2008 кога го добивме грчкото вето за НАТО. Кога виде дека реформите не се важни, дека што и да направи Владата не е важно, се фрлија на крадење и заробување на државата создавајќи режим . Па на крај не можеше поинаку, моравме на улица да го менуваме.
4 Ова што се случува со промената на личните карти, возачки дозволи и пасоши не покажува само епска неспособност и хаос во државните институции, туку уште повеќе ја покажува епската негрижа на државата и државните функционери кон сопствените граѓани. Дури, ми се чини и дека е уште побезнадежно. Да е само до тоа дека не им е гајле за граѓаните. А бе, не им е гајле за ништо.
Оти, ако ти било гајле како власт и како државен функционер, ќе си гледал да најдеш некое чаре. Оти, проблемот не се решава сам од себе. Напротив, се комплицира.
Ај што како власт од 2019 знаеш дека рокот за промена на личните документи е до февруари 2024, ај што граѓаните платиле за старите документи чиј рок не е истечен, ај што прават дупли трошок и пак мораат да плаќаат за новите документи, ај што се тепаат прво да се сликаат, па после уште се тепаат, дури и ќе загинат чекајќи со саати да си ги земат новите документи, туку функционерите уште и досетки си кажуваат. Претседателот Стево Пендаровски вели Владата да размисли како да го продолжи рокот на документите без „Северна“, а премиерот Димитар Ковачевски му одговара тој да каже, оти тој учествувал во правењето на Преспанскиот договор и тој да ѝ се јави на грчката претседателка да ја убеди Грција да не ни се лути, ако и ова лето тргнеме во поход на Халкидики со старото име на пасошите.
Какви луцидни досетки на највисоки државни функционери чија задача била да не дозволат овој проблем да се создаде, пред сѐ. И што ќе ѝ каже Пендаровски на Гркинката? Знаете, нашата администрација е малубројна, а мораа да одат и на зимски одмор и ете, не стигнавме да ги смениме пасошите. А ние допрва ќе се надмудруваме кој е крив што не сме кадарни да се организираме.
Батали Грција, туку луѓето се извадени од памет дека ако не ги сменат личните карти до 12 февруари, нема да можат да подигаат пари од банка. А министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека со личните карти без „Северна“ ќе може да се гласа на парламентарните и претседателските избори во април и мај.
Е па, уште тоа да ни го направат. Да не можеме да си ги земеме парите. Ама да можеме да ги гласаме. А тие да се надеваат на победа.
5 Претседателот Стево Пендаровски во ТВ интервју, во контекст на борбата против корупцијата и корумпираното судство, зборуваше и за црните листи на САД, па кажа: „Не е сеедно што Америка мисли или не мисли за владеење на правото, и на американската амбасадорка лично ѝ реков дека треба да продолжат во таа насока“.
Баш фино што Пендаровски ја охрабрил американската амбасадорка за САД да продолжат да се борат против корупцијата во Македонија. Уште на тие што треба да гонат корупција во Македонија да им беше гајле за тоа, па ќе бевме уште постратешки партнер на САД.
6 Синот на Мијалков ги откупил становите на Мијалков конфискувани со пресудата за случајот „Империја“. И сите се чудат како можел Мијалков да си ги купи становите на Мијалков?
Не знам кому може да му биде чудно тоа, освен на тие што вчера паднале од Марс во Македонија.
Мене не ме чуди што си ги откупил. А нема ни да ме чуди кога, ако се врати ВМРО на власт, на Мијалков ќе му платиме отштета за дуплиот трошок.
АУДИО ПОДКАСТ