ПАНДЕВ И ЕЛМАС

Што сакаат да докажат со попишувањето на дијаспората? Да се фалат колку многу се иселиле поради нив?

ПАНДЕВ И ЕЛМАС

1 Имаме веќе рекордни 50 починати од ковид-19 за 24 часа, а пратениците цела недела во Собранието се натегаат за веќе завршена работа. Пет дена го одложуваат пописот кој веќе е одложен. Само нека продолжат така. Ќе имаат повеќе луѓе во дијаспората за пребројување. И помалку дома.

Немам зборови со кои би го изразил чудењето како ли на пратениците на Алијанса за Албанците и Алтернатива им доаѓа да расправаат за пописот и државјанството, кога во земјава имаме над 20.000 активни случаи на ковид-19, во болниците за живот се борат над 1.700 луѓе. Секој ден ни умираат по триесетина сограѓани. А пратенициве ни го губат времето и ни ги трошат парите за пребројување по националност. И запнале националното пребројување да ни го направат приоритет. Сега само до попис и државјанство ни дошло.

Начекаа криза и – ај сега ќе уценуваме. Ако нема криза – ќе ја направиме. Па пак ќе уценуваме. Толку се себични и неодговорни што ги интересира само партискиот и личниот интерес. Па дури и од Вашингтон им се јавуваат на лидерите на опозицијата да се охрабрат за да бидат конструктивни. Замисли, да не мислат само на себе кога го блокираат Собранието, туку и на граѓаните.

Еве, дури и да не мислат за доброто на сите граѓани. Дури и да не мислат за доброто на државата. Еве, да речеме дека мислат само за својата заедница. Не знам како ним им прават услуга вакви политичари кои од својот џеб подалеку не гледаат.

2 И – што си мислат? Дека ако успеат да попишат поголем број во дијаспората, ќе ги вратат тука? Дека ќе го фатат првиот авион за дома и ќе дојдат тука за Артан Груби да ги вработи, а Зијадин Села да се грижи за нивните права? Одвај чекаат да му ја предадат својата судбина на оној од Алтернатива, што вика дека граѓаните можат да се стрпат и без плати додека да се изгласа законот за државјанство. Оти, тие во странство не отишле за плата.

Не можам да ја сфатам таа опседнатост со пребројувањето на дијаспората. Па, за развојот на оваа земја важно е да се знае колкумина останале во Кочани и Гостивар, а не колку кочанчани живеат во Италија и колку гостиварци се во Швајцарија. Каква е таа глупост да викаш дека попишувањето на дијаспората е патриотска должност? Готова е таа работа. Тие си заминале. Таму им одат децата во градинки, таку се школуваат, таму се лекуваат, таму ќе стареат. Тие луѓе си имаат должност кон земјата во којашто живеат. Тие земји таму ќе си ги попишуваат и врз основа на тие бројки ќе си прават нивна проекција за развој.

Навистина, не можам да најдам логика зошто на политичките лидери на Албанците во Македонија им е толку важно попишувањето на дијаспората? Што сакаат да докажат? Сакаат да се фалат колку многу Албанци се иселиле поради нив?

3 Колку и да звучи патетично, онаа слика на насмеани и гушнати Пандев и Елмас по победата над Германија среде Германија е сликата на вистинската Македонија. Штета е што забораваме на таа слика, па се сеќаваме на неа само во моменти на успех.

Описот на сликата е патетичен. Ама сликата е вистинска. Двајца македонски фудбалери од различна националност играат за својата земја и се радуваат на успехот во Дуизбург, во исто време додека во Скопје странските амбасадори ги охрабруваат политичарите да не се испозаколат меѓу себе во Собранието. Ама, во таа репрезентација во која играат луѓе од сите националности и вери, фудбалерите се одбрани по квалитет. А во Собранието пратениците се избрани според неквалитет. Во репрезентација треба да знаат да шутираат и да бранат. Во Собранието пратениците не треба ништо да знаат. Треба само да го слушаат шефот на партијата и да се сликаат со него.

Ние не сме навикнати на успеси. И само кога ретко ќе ни се случи нешто такво, сфаќаме колку сме отруени. Изненадени сме дека знаеме да се радуваме и да се гордееме. Кога некој политичар ти дал причина да се радуваш? Кога ти се случило да се почувствуваш горд на својата земја поради некој политичар? Зарем да се гордеш со оној што те убедува да истрпиш без плата, а нему редовно му стига и платата и патните трошоци?

Пандев и Елмас како се гушкаат – тоа е реалниот живот. А партиите и политичарите се тука за да создаваат проблеми за потоа да ни ги решаваат проблемите. Трагедијата е што немаме повеќе такви успеси како победата над Германија, не само во фудбалот, туку и на сите други полиња. Да имаме за што да се радуваме, баш ќе ни биде гајле за политика.

4 Европската унија во која се крстевме, падна на првата најголема криза после Втората светска војна. Не можат да си го извакцинираат сопственото население оти се задушија во сопствената бирократија. Те агенцијата ќе заседава оваа среда, а може и идниот петок, те квоти за побогатите, квоти за посиромашните, те оваа вакцина не чини за возрасни, те чини само за возрасни, џинови како што се Германија и Франција паднаа на колена, богатата Австрија моли за вакцини, Унгарија си тера по свое, земји што се пример за одлично здравство како што се Холандија, Шведска, Данска не се снаоѓаат со вакцините, Италија крие вакцини…

Не верувам дека по ковид кризата ќе остане истата Европа. Допрва таму ќе има ново мешање на картите. А во меѓувреме, ќе свикаат уште неколку самити и ќе ги усогласуваат заклучоците за Западен Балкан и опасноста од зајакнато влијание на Кина и Русија.

Додека Урсула фон дер Лајен свика комисија за да направи комисија што ќе ги подели квотите од 651.000 вакцини за Западниот Балкан и додека Бојко Борисов стигне да предложи 5.000 вакцини од нивните да одат за Македонија, нас Александар Вучиќ сите ќе нè извакцинира. А претседателот Стево Пендаровски ќе каже дека тоа е срам за државата. А тој е шеф на државата.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира